Со цел кратење на непродуктивните трошења во буџетот, како Либерално-демократска партија бараме намалување на бројот на членови на управни и надзорни одбори, затворање или спојување на агенции кои имаат исти надлежности, како и намалување на износот на месечмите надоместоци на членовите, особено во време кога владее економска криза.
.
Помеѓу 2 и 3 милиони евра, на годишно ниво, од државниот буџет се исплаќани паушали на членовите во разните управни и во надзорни одбори ширум Македонија. А ги има во голем број: проценка е дека повеќе од 1.600 лица кои за својот повремен ангажман добиваат солиден паушал, некои дури и повеќе од 50.000 денари месечно.
.
Сите тие лица се распределени по управните одбори и комисии кои постојат во центрите за јавно здравје, здравствени домови, центри за социјална работа, студентските домови, универзитетските клиники, агенциите, дирекциите, државните центри, фондовите, а во некои од комисиите членовите земаат сума во висина до четири просечни месечни плати. Како за потсетување, според последните податоци на Државниот завод за статистика просечната плата за октомври минатата година изнесувала 49.585 денари.
.
Искористување на државни возила понекогаш и до 24 часа, дневници, патни трошоци, нетранспарентност и судир на интереси утврди ДКСК уште во 2021 година, но состојбите не се подобруваат. Ние нема да дозволиме парите на граѓаните да се расфрлаат кај лица кои извршуваат повеќе функции наеднаш. Без разлика дали се од власта или од опозицијата, прашањето за намалување на овие надоместоци не е проблем на јавното мислење, туку на високите суми особено во економска криза, кога треба да се покаже солидарност и соработка на институциите, затоа треба да има лимит, месечно да не може да се надминува сумата за членот во одредена комисија или одбор над минимална плата во земјава.
.
Треба да се формира работна група во која покрај пратениците би биле вклучени и експерти од владата се со цел да се донесе одлука која ќе го заштити Буџетот од непродуктивни трошења и ќе се намали финансирањето на непродуктивната администрација.
.
No comment yet, add your voice below!